Вардар се држеше само едно полувреме кај Барса

Барселона го совлада Вардар со 34:26 (16:15) дербито на осмото коло во групата А во ракометната Лига на шампиони што воедно беше прогласен и за меч на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ).

„Црвено-црните“ одлично парираа на домашниот состав во воведните 30 минути. Во голем дел од играта до паузата беа и во водство, а по враќање од соблекувалните како да излезе нов гостински тим на теренот. Каталонците фуриозно тргнаа по одморот, од минута во минута ја билдаа разликата, направија серија од 7:0 и го откажаа европскиот шампион од 2017 година од било каква надеж за расипување на славеничката атмосфера во „Блауграна“ за што на голот го имаа и расположениот голман Кевин Мелер.

Каспер Улрих Мортенсен со девет гола го предводеше нападот на Барса, Жилберто Дуарте реализира четири, а по трипати мрежата на Вардар ја тресеа Седрик Сораиндо, Аитор Бенгоечеа, Виктор Томас и Алекс Абело. Најефикасни „црвено-црни“ ракометари беа Кристијан Дизингер и Дмитри Киселев кои постигнаа по четири погодоци.

Со оваа победа, Барселона се зацврсти на чело на табелата во групата А со 14 бода пред Кјелце на второто место со 12 и Рајн Некар Левен и Вардар на третата, односно, четвртата позиција по 10 бода.

Наредниот викенд, Вардар го очекува ново гостување во Лигата на шампионите против Мешков Брест (сабота, 15 ч.)

Лига на шампиони

Група А, 8 коло

Барселона – Вардар 34:26

Кјелце – Мешков Брест 34:31

Веспрем – Кристијанстад 36:27

Монпелје – Рајн Некар Левен 31:26

Табела: Барселона 14,. Кјелце 12, Рајн Некар Левен 10, Вардар 10, Веспрем 8, Мешков Брест 4, Монпелје 3, Кристијанстад 3.