Вардар уште еднаш поразен од Пик Сегед во ЛШ

21

Ракометарите на Вардар ја продолжија серијата порази во Лигата на шампионите откако вечерва во последниот натпревар годинава пред своите гледачи загубија од Пик Сегед со 27:30 и го забележаа петтиот пораз по ред.

Лошата игра во првите 15 минути, грешките во додавањата, слабата реализација на шутот се покажаа како клучни за победата на Пик Сегед, која е втора по ред над Вардар во ЛШ.

Со поразот од унгарскиот тим, Вардар си ја закомпликува позиција на табелата во групата А, „црвено-црните“ се наоѓаат на шестото место на табелата со пет бода, само еден повеќе од ППД Загреб.

Натпреварот започна со одбрана на Мартин Томовски кој запре шутот на Тонесен, додека на спротивната страна, резултатот го отвори Стојанче Стоилов.

Пик Сегед возврати преку Бомбач, а потоа ги искористи промашувањата на вардарци да постигне да поведе со 1:5. Лошата реализација во нападот како и голманот на Пик Сегед, Роланд Миклер кој имаше три одбрани, ги остави „црвено-црните“ во првите десет минути со само еден постигнат гол.

Тренерот Веселин Вујовиќ беше приморан да повика тајм-аут, но и тој потег не промени многу во играта, вардарци повторно грешеа во нападт, а Пик Сегед продолжи да ги казнува сите грешки и по 15 минути на семафорот стоеше 1:8.

Вардар вториот гол го постигна дури во 16 минута преку Анте Гаџа. Во наредните минути, Томовски одбрани два шута, и во 21 минута Вардар по головите на Гаџа и на Дибиров намали на 5:9.

Потоа следеше период на кој се играше гол за гол, се до финишот кога ракометарите на унгарскиот тим направија серија 1:4 и поведоа со 8:15. Во следниот напад Оливие Њокас постигна гол, но Пик Сегед возврати со голот на Бодо за високи седум гола негатива на Вардар по првиот дел (9:16).

Во првото полувреме, најрасположени за игра кај Вардар беа Дибиров во четири и Гаџа со три гола, додека кај Унгарците Тонесен постигна пет, е Банхиди и Бомбач по четири гола.

Второто полувреме започна со подобра игра на вардарци, беа посигурни во нападот и преку Дибиров, Кевин Њокас и Талески направија серија од 3:1 и во 37 минута дојдоа на минус пет (12:17). Потоа Гаџа намали на 13:17, но гостите преку Шоштариќ ја прекинаа мини серијата на Вардар.

Талевски со два гола по ред во 40 минута го носи Вардра на минус три (15:18) со што го натера тренерот на гостите Хуан Карлос Пастор да побара тајм-аут. Бомбач со два гола ја враќа предноста од пет гола по ред на Пик Сегед во 44 минута. Во последните десет минути од натпреварот, Вардар влезе со негатива од четири гола (20:24), но на секоја реализација противникот одговараше со гол и ја одржуваше предноста на четири-пет гола.

На пет минути до крајот Бодо постигна гол за водство на Пик Сегед од 22:28 кое до крајот на натпреварот, вардарци не успеаја да го анулираат и го претрпеа петтиот пораз по ред во Лигата на шампионите. На крајот Вардар загуби со 27:30.

Најпрецизни  во редовите на Вардар беа Тимур Дибиров и Анте Гаџа со по пет гола, а кај Пик Сегед се истакна Шоштариќ со седум и Бомбач и Бодо со по пет гола.
Во идното коло кое ќе се игра идниот четврток, Вардар му гостува на германскиот Кил.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.