Вардар во финишот ја испушти победата над Елверум

28

Македонскиот ракометен шампион Вардар одигра изедначен меч со норвешки Елверум кој на крајот заврши 34:34 (20:21) во првата пресметка од предвидените две средби со норвешкиот шампион во рамки на групната фаза од Лигата на шампионите.

Првото полувреме помина во буквално израмнета игра на двете екипи, Елверум со голот на Мате го отвори резултатот по што екипите во првите 15 минути играа гол за гол. На секој гол на норвешкиот тим, Вардар одговараше со погодок сѐ до 14 минута кога со головите на Стоилов, Калараш и Чупиќ, „црвено-црните“ поведоа со 12:10.

Во продолжение, повторно се играше гол за гол, голманите и на двете екипи беа далеку од посакуваното ниво по што првото полувреме заврши со 20:21 за Елверум.
Одлично прво полувреме имаше Анте Гаџа кој постигна шест гола, а по три и тоа без промашување, дадоа Калараш и Чупиќ.

Во второто полувреме поинаква слика на теренот во салата во СЦ „Јане Сандански“, акциите на Вардар полесно и побрзо завршуваа во мрежата на норвешкиот тим. Потегот на тренерот Стевче Алушовски во второто полувреме да му даде шанса на младиот Марко Кизиќ се покажа исправна и имаше неколку одлични интервенции со кои им овозможи на неговите ракометари лесна реализација.

Кон средината на второто полувреме, Вардар направи серија од 4:0 за водство од 29:25, а потоа и 30:26. Упорните норвежани не се предадоа и преку Лук Абало кој даде четири гола по ред, Елверум дојде до израмнување (31:31) на четири минути до крајот на натпреварот.

Во 58 минута Чупиќ донесе предност од 34:33, а Грондал го промаши пеналот во последната минута. Во следниот напад, Вардар имаше можност да ги реши сите дилеми на натпреварот, но Стоилов беше непрецизен. Казната стигна во последната секунда кога Петерсон го совлада Кизиќ и ги постави конечните 34:34.

Анте Гаџа со осум гола, од кои шест во првото полувреме и Иван Чупиќ со шест погодоци беа најпрецизните додека. Стоилов даде пет, а пак на голот на Вардар малдиот Марко Кизиќ забележа 12 одбрани. Кај Елверум, Мате, Солстад и Пујол дадоа по пет гола.

Вардар ќе има нова шанса за триумф против Елверум на натпреварот кој ќе се игра во среда, повторно во салата Јане Сандански.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.