Вардарци со долги напади до победа над Хамбург

Ракометарите на Вардар подготвени се да го дадат максимумот во 1/8 финалниот натпревар во Лигата на шампионите против европсиот шампион Хамбург. Првиот натпревср црвено – црните го играат во сабота во (18.00 ч) во СЦ “Борис Трајковски”.

„Пред нас е исклучително важен натпревар, во кој ќе играме против европскиот шампион, кој воедно е меѓу најдобрите светски клубови. Во него играат мега звезди предводени од Дувњак и Канељас, кои негуваат брз ракомет и навистина се многу, многу добри. За да оствариме позитивен резултат, ќе мора да играме трпеливо со подолги напади, да ја контролираме топката и да не дозволиме да правиме технички грешки, кои тие би ги казниле со брзи контри. Мораме да одиграме максимално агресивно, што се надевам дека ќе успееме со поддршка на нашата верна публика.
Неколку дена работиме на тактичко технички план и ќе продолжиме така до сабота, затоа што тие играат многу брз ракомет и ќе мора да ја менуваме тактиката на самиот натпревар, зависно од случувањата,“ изјави тренерот на тимот Раул Гонзалез Гутиерез.

Со амбиции за позитивен резултат е и капитенот на тимот Филип Лазаров. Тој најави борбена игра од првата до последната минута на натпреварот.

„Би било остварување на сонот, доколку успееме да ги елиминираме и да се пласираме во следната рунда. Можеби тие се технички подобри и побрзи од нас, но нема да дозволиме да бидат поборбени. Сигурен сум во тоа дека ќе одиграме на највисоко ниво, и со енергијата која ни ја пренесуваат нашите верни навивачи, со добра игра ќе се радуваме на победа“, изјави Лазаров.