Вархеји: Албанија ги исполнува условите за почеток на преговори со ЕУ, Македонија да продолжи со реформите

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, изутринава на Тиранскиот Форум изрази силна поддршка за отворањето на преговори со Албанија, во однос на Македонија, истакна дека треба да продолжи со реформите како и изнаоѓење на заедничко прифатливо решение за билатералните прашања помеѓу Македонија и Бугарија.

Вархеји ја пофали и новата методологија за преговори благодарение на која се надмина ветото на Франција за почетокот на преговорите со Албанија и Македонија.

-Оваа нова методологија веќе се одразува во нацрт преговарачките рамки за Албанија и Македонија. Земјите членки сѐ уште не постигнале договор за нив и разговорите продолжуваат во Советот. Ги поддржуваме овие напори и се надевам дека првите меѓувладини конференции ќе можат да се свикаат што е можно поскоро под португалско претседателство, изјави Вархеји.

Веднаш потоа еврокомесарот порача дека сите услови се исполнети за одржување на првата меѓувладина конференција со Албанија и дека земјата остварила голем напредок во делот на правдата, владеењето на правото и изборното законодавство.

– Македонија задржа стабилен чекор во имплементацијата на ЕУ реформите, посебно во делот на фундаменталните услови. Важно е да се изнајде заеднички прифатливо решение за билатералните прашања помеѓу Македонија и Бугарија брзо, рече Вархеји околу Македонија.