Вархеји: Работиме напорно, но уште не сме до посакуваната цел за договор меѓу Софија и Скопје

Напорно работиме на случајот на Северна Македонија, но уште не сме до посакуваната цел. Работиме со членките на ЕУ да се најде решениe и да се постигне согласност, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, одговорајќи на прашање на МИА дали е можно отворање на пристапните преговори во јуни и раздвојување на Северна Македонија и Албанија.

За одвојувањето на Скопје и Тирана, Вархеји рече дека пристапниот процес се базира на постигнувања.

– Ова е процес кој се базира на постигнувања. Албанија ги има постигнато условите, но ако нема договор за Северна Македонија мислам дека ќе дојде момент кога ќе треба да ја разгледуваме и таа опција. Разговаравме со Заев за ова прашање, се согласивме дека ќе мора да се постигне напредок од двете земји – рече Вархеји.

Тој појаснувајќи една своја поранешна изјава, нагласи дека самото вето е драматизирање, и подвлече дека ЕК работи на тоа да се вратат работите во нормала колку што е можно побрзо.

– Враќање во нормала значи постигнување на договор помеѓу двете земји. Договор значи закажување на првата Меѓувладина конференција помеѓу Бугарија и С. Македонија и се разбира токму ова е тоа на кое ние како ЕУ работиме сега – рече еврокомесарот Вархеји кој  во рамки на неговата балканска турнеја  по повод пристигнувањето на првите вакцини против ковид-19, финансирани од ЕУ заедно со премиерот Зоран Заев одржа заедничката прес-конференција на вакцинален пункт во салата „Борис Трајковски“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.