Вархеји: Србија треба да се приклучи кон санкциите за Русија

Србија треба да ги засили напорите за усогласување со надворешната политика на ЕУ, вклучително и декларации и санкции, во согласност со преговарачката рамка, изјави денеска во Брисел Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји.

На прес-конференцијата по презентацијата на годишниот пакет за проширување во Европскиот парламент Вархеји исто така рече дека почитувањето на надворешната и безбедносната политика на ЕУ влијае на брзината на евроинтегративниот процес, но дека „тоа не е причината поради која пристапните преговори може да бидат суспендирани”.

– Дека тоа влијае на брзината се гледа по тоа што Србија може да отвори уште едно поглавје, но тоа не се случи. Ни треба Србија да ни помогне, ни требаат сите наши сојузници, а земјите кандидати за членство се нашите најважни сојузници – рече Вархеји.

Србија сè уште не се приклучила на санкциите што ЕУ ги воведе кон Русија и покрај повеќемесечните повици од Унијата да го стори тоа.

Вархеји, исто така, рече дека Србија „направила важен напредок” на патот кон ЕУ со отворањето на кластерот четири минатиот декември 2021 година, пренесе Бета.

Тој додаде дека ЕУ очекува новата српска влада „да продолжи и да ги продлабочи реформите” во клучните области на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, слободата на медиумите, слободата на собирање и гонењето на воените злосторства пред домашните судови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.