Варикозни или проширени вени

Варикозни односно проширени вени се многу честа појава. Се познаваат по нивната сина или темновиолетова боја и деформирана структура. Па, не само  што се здравствен проблем, тие претставуваат и естетски проблем.

Секоја вена во телото може да стане варикозна, но најчесто страдаат вените на нозете. Вените се крвни садови кои ја враќаат крвта од сите делови на телото назад кон срцето и белите дробови.

Варикозните или проширени вени со текот на времето ја губат својата еластичност, отекуваат, а со тоа расте и нивниот волумен. Така доаѓа до деформитет. Малите залистоци, лоцирани на внатрешните sидови на вените попуштаат и доаѓа до собирање на крв во вените, што предизвикува тие да се набабрат.

Вените во пределот на нозете и стопалата се најкритични. Долгото стоење како и долгото седење создаваат додатен притисок и го отежнуваат патот на крвта до горниот дел на телото.

Лицата заболени од варикозни вени чувствуваат тежина во нозете, болка која може да биде со различен интензитет, чувство на трнење на нозете па дури и јадеж, грчеви и пулсирање во нозете.

Почесто се појавуваат кај жените, одколку кај мажите, а причини за тоа може да бидат: зголемена телесна тежина, бременоста, менопаузата, предменструален синдром, хормонска терапија, недвижење, пушењето, сауна, депилација со врел восок, масната исхрана, како и наследниот фактор.

Храната која ја јадеме има големо влијание врз сите процеси во организмот, вклучувајќи ја и циркулацијата.

Затоа ни е неопходна здрава исхрана, богата со многу витамини, минерали, антиоксиданси, како и омега 3 масните киселини. Некои од намирниците како што се овошјето и зеленчукот, содржат минерали и флавоноиди кои директно влијаат врз здравјето на нашите крвни садови. Можат да ги зајакнат  sидовите на вените и со тоа да ја подобрат циркулацијата.

За да не дојде до варикозни вени пожелно е да се превземат соодветни превентивни мерки, а тоа се: здрава и правилна исхрана, умерена физичка активност, пешачење, пливање, па дури и качувањето по скали исто така ја подобрува циркулацијата.

Да се внимава на тежината. Не додавајте дополнителни и непотребни килограми на вашата тежина, бидејќи тежината дополнително ги оптоварува нозете. Одберете соодветни и удобни обувки со ниска потпетица, кои ќе можат да ја подобрат активноста на мускулите. Избегнувајте долго стоење, долго седење и вкрстување на нозете.

Консумирајте повеќе вода и течности, но внимателно со употребата на сол, бидејќи солта го зголемува интравенскиот притисок.

Автор: Сертифициран нутриционист Марија Лазиќ за НетПрес

e-mail: nutri-diet2018@outlook.com