Вашингтон можеби го очекуваат најголемите протести поради убиството на Џорџ Флојд

САД се на нозе по смртта на Џорџ Флојд, кој почина на 25 мај за време на апсењето во Минеаполис.

Убиството на Флојд предизвика огромен гнев кај луѓето кои излегоа на улиците на повеќе од 140 градови низ Америка, а има се повеќе и повеќе случаи каде протестите ги следат хулигани и грабежи.

Вашингтон се подготвува за голем протест најавен за денес, по неколкудневните демонстрации во главниот град и во целата земја поради смртта на Флојд. Началникот на полицијата во Вашингтон, Питер Њухам изјави дека властите очекуваат илјадници демонстранти да се соберат во Вашингтон за „можеби најголемиот протест што сме го имале досега во градот“.

Тој изрази очекување дека „на протестите ќе излезат мирни демонстранти кои доаѓаат да го искористат своето право од првиот амандман“, пренесува „Глас на Америка“.

Иако се очекуваат масовни демонстрации денес, околу 700 припадници на 82-та американска армиска дивизија се вратени во Форт Браг, Северна Каролина, откако градоначалникот на Вашингтон, Муриел Боузер, го повика претседателот Доналд Трамп да ги повлече сите „дополнителни војници и сојузната полиција од Вашингтон“.

Тие трупи беа распоредени во Вирџинија во близина на Вашингтон, но не влегоа во градот за време на протестот. Нивното присуство предизвика загриженост дека Трамп би можел да го активира Актот за побуна од 1807 година, за да им овозможи на воените сили да се соочат со илјадниците луѓе кои протестираа секоја вечер во центарот на Вашингтон.

Од почетокот на протестот, просторот околу Белата куќа, кој е заштитен од агенти на Тајната служба, постојано се шири. Белата куќа не го коментираше планираниот протест.

Администрацијата на Трамп беше критикувана откако федералните агенти испукаа гумени куршуми и солзавец во понеделникот за да ги растераат мирните демонстранти пред Белата куќа за да може Трамп да оди во блиската црква и да позира за фотографии со Библија во раката.

Протестите во Вашингтон се одржуваат секој ден од минатиот петок. Мирните дневни демонстрации во сабота и недела станаа насилни во текот на ноќта, кога се случија грабежи и други акти на насилство.

За да се одбранат од бесот на хулиганите, мештаните се вооружиле и организирале соседска стража и ја бранеа својата област во Минеаполис, каде бил прогласен полициски час.

Тие истакнаа дека полицијата се согласила со нивната организација, бидејќи членовите на агенциите за спроведување на законот немаат доволно луѓе за да ги заштитат луѓето од грабежи.

– Тие разбраа што правиме, со оглед дека немаат доволно луѓе и дека ние всушност им помагаме да ја одржат безбедноста. Јас би рекол дека тоа е еден вид партнерство – објасни Џамил Џексон, кој учествува во патролата.

Џексон објасни дека граѓаните од тој дел на Минеаполис исто така сакале да го избегнат пристигнувањето на армијата.