Вашингтон ѝ нареди на Кина да го преполови персоналот во своите државни медиуми во САД

Американсите власти во понеделникот речиси го преполовија бројот на кинеските државјани кои имаат дозвола за работа во кинеските државни медиуми во САД, како одговор на ограничувањето кое Пекинг го воведе за странските медиуми во Кина.

„Кина со години сѐ построго ги надгледува, заплашува и вознемирува Американците и другите странски новинари кои работат во Кина. Ја повикуваме кинеската влада веднаш да потврди дека се обврзува да ја почитува слободата на говорот, којашто подеднакво се однесува и на претставниците на медиумите“, истакнува во писмената изјава американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Помпео притоа директно не го споменува прогонот на тројцата новинари на The Wall Street Journal во февруари годинава.

Петте медиуми кои се опфатени со оваа одлука Вашингтон минатиот месец ги прогласи за странски претставништва и сега ги смета за „пропагандни“ организации. Од 13-ти март ќе може да вработуваат најмногу сто кинески државјани, а досега им беше дозволено 160 лица.

„Со намалувањето на кинескиот персонал… се сака… воспоставување рамнотежа којашто стигнува предоцна“, додава Помпео. Одлуката „не се темели на содржината којашто тие гласила ја објавуваат“ и САД не воведуваат „никакви ограничувања“ на она што го објавуваат, заклучува американскиот државен секретар.