Васил Наци, најбогатиот претприемач од Албанија, доаѓа во Скопје

 

Унапредување на регионалната соработка е една од идеите, но и предизвик за организирање на Балканскиот претприемачки самит, што ќе се одржи на 13 септември 2019 година во Хотелот „Хилтон“ во Скопје. Како еден од панелистите на Самитот учесниците ќе имаат прилика да го слушнат Васил Наци, еден од најуспешните бизнисмени во Албанија, основач и сопственик на „Агна Груп“, чие богатство се проценува над 600 милиони долари.

Васил Наци поседува 34% од акциите на „Агна Груп“, компанија која се занимава со увоз и извоз на индустриски производи и храна, материјали за градежништво, земјоделски производи, производство и продажба на алкохолни пијалаци, како и дистрибуција, продажба и транспорт.

Покрај „Агна“, Наци исто така поседува 27% од акциите на компанијата за увоз и извоз „Алфа“, 34% од „Албартекс“, компанија која се занимава со продажба на големо на различни производи, како и 17% од „Платеа“, компанија која се занимава со градежништво, како И дистрибуција на печатени весници и маркетинг. Исто така, Наци поседува и 4% од Банката Сосиете Женерал со седиште во Албанија.

Но малкумина знаат дека овој балкански магнат е познат по уникатниот начин на кој раководи со вработените. Сите вработени во „Агна“ мора да поминат низ Академијата за лидерство на „Агна“ за која програмата и книгите ги има напишано токму тој. Секоја година Васил одржува и неколкудневен семинар во Тирана на кој го пренесува своето знаење и искуство.

На покана на Центарот за бизнис образование Creative Hub и Стопанска комора на Македонија, Васил Наци ќе одржи говор на тема „Градење на успешен балкански бренд“. Центарот за бизнис образование Creative Hub ќе отвори центар и во Тирана.
Над 250 учесници на Самитот ќе имаат прилика да учествуваат на панел дискусии, презентации, разговори со голем број домашни и странски говорници како: Еван Лутра од Индија, сериски претприемач, почесен докторант и говорник на Економскиот форум во Давос, Акаш Мехта, глобалниот директор на дигитален маркетинг на „Диор“, Евгениј Ангелов, претседател на Бугарската асоцијација за вентуре капитал, партнер во „Постскриптум вентурес“ и многу други.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.