Васил Толевски примен во Московскиот клуб на афористика

Македонскиот афористичар, Васил Толевски, примен е за полноправен член на Московскиот клуб на афористика (Руска Федерација), најголемо и најзначајно здружение на афористичари во Руската Федерација.

Иако номинацијата за прием во МКА беше прифатена уште во март 2020 година, руските афористичари едногласно го изгласаа нашиот афористичар за член во нивното здружение. Руските афористичари својот глас за него го дадоа на 25 јануари, годинава, а заедно со него беше прифатена и номинацијата за Мирослав Средановиќ (Србија).

Васил Толевски е првиот македонски афористичар кој станал член на ова здружение, во кое членуваат афористичари од Русија, Украина, Ерменија, Литванија, Израел, Германија, САД и други земји.

Инаку, како раритет, Васил Толевски е првиот странец кој стана член на БАК (Белградскиот афористичарски круг –Србија) и прв странец кој ги освои престижните награди, Златен прстен (Србија) и Златна алка (Република Српска).

Толевски во Русија за прв пат се појави во 2019 година кога на руски сајт се појавија 50 негови афоризми, а потоа и објави во неколку високотиражни весници. Наскоро во Македонија ќе се објави неговата најнова книга „Најдоброто од Толевски“ како репрезентативно дело на неговото творештво. Тој оваа година слави 40 години со хуморот и сатирата. Покрај ова во подготовка му е Антологијата на бугарскиот афоризам (превод), чиј автор е Александар Чотриќ од Србија.

Автор е на првата балканска антологија, најновите антологии на Современиот македонски афоризам, а покрај тоа има објавено и десетина авторски книги и панорами на афоризми.

Добрите познавачи на македонскиот хумор и сатира го паметат како уредник за хумор и сатира во „Студентски збор“, „Македонски остен“ и најновата продукција на „Остен“ (заедно со Мице Јанкуловски, Дарко Марковиќ, Миро Георгиевски и Никола Симовски). Неговите афоризми се преведени на неколку светски јазици, а книги има објавувано во Србија и Полска.