Василевска: Дрско и на сила се обидоа да ја протуркаат образовната концепција

Вистината е секогаш на страна на правдата. Денес Министерството за образование и наука со повлекувањето на предлог законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование ги потврди нашите тврдења дека тоа што го нудеше Мила Царовска не е дигитализација, туку само дигитални учебници на начин за кој нема друг пример во цивилизираниот свет, вели пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска.

– Нашиот став е јасен, во овие внатрешно-политички и надворешно-политички околности првата опција за децата и за наставниците мора да бидат хартиените учебници. Знаеме колкава е бројката на ранливи категории и тие кои се на раб да станат ранливи во пандемијата и силно сме уверени дека тие никако нема да бидат рамноправни во употреба на вака замислениот проект за дигитални учебници. Да не зборуваме за заткулисните игри и сценарија за обезличување на генерациите и за експериментирање со најважната категорија на македонски граѓани -учениците – вели Василевска.

Според неа, во услови на пандемија дрско се обидоа концепцијата да ја протуркаат на сила, а реформите на власта пробуваат насила да ги спроведат на неподготвени наставници. Да се менува на ваков радикален начин концептот на учење преку исфрлање на хартиените учебници и на таков перфиден начин, учениците да немаат печатени и хартиени учебници, претставуваше безумие кое несомнено мораше да заврши на ваков начин.

– Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ го покажа полниот дух на граѓанските слободи и права, ова е победа на разумот и на вистината – смета Василевска.