Василевска: Никаде во светот населението не се попишува само како државјани, обид за задкулисни манипулации на власта

Навистина имаме желба да спроведеме еден реален и кредибилен попис на населението кој ќе биде во полза на македонските граѓани и на македонската иднина. Но, унитарна иднина. Зошто го потенцирам ова? Никаде во светот не се попишуваат државјани. Тука е да речам големото дволично, неискрено и пак ќе повторам крајно тенденциозно маневрирање од страна на власта, истакна Иванка Василевска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ во утринска емисија на телевизија Алфа.

Василевска додаде дека власта се обидува да протурка маневрирање со пописот, само да го истурка пребројувањето на населението само како државјани.

„Власта има подземна кампања и се ширеше еден страв еден извесен период меѓу македонските граѓани дека доколку не се попишат ќе им биде одземено државјанството. Такво нешто не треба да постои, бидејќи со ниеден закон на светот такво нешто не треба да се направи. Што се попишува? Се попишува резидентното население кое минимум 12 месеци е на одредено место на живеење во Македонија. Оние што се помалку од 12 месеци или повеќе од 12 месеци отсутни од земјата се потпишуваат на местото каде што работат, привремено престојуваат и така натака. Тоа не влијае на нивниот државјански статус“, појасни Василевска.

Посочи дека сега за да се потполни таа дупка сега одеднаш започнува процес за донесување на нов Закон за државјанство, каде што се точно определува цифра од 70.000 до 100.000 нови државјанства кои практично треба да ја пополнат оваа дупка во нивната логистика која се појавува како проблематична.