Вашингтон и Ријад ги интензивираа преговорите за продажбата на оружје

238
(Американскиот претседател Доналд Трамп и саудискиот претставник на монархијата и министер за одбрана, принцот Моамед бин Салман, © Kevin Lamarque/Reuters)

САД работат на потпишувањето на договор за продажба на оружје на Саудиска Арабија во вредност од десетици милијарди долари пред посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на оваа монархија кон крајот на мај, рекле за Reuters добро упатени извори.

Саудиска Арабија е почетната точка на првото меѓународно патување на новиот американски претседател Доналд Трамп, што претставува сигнал дека има намера да ги зајакне врските со главниот сојузник во регионот на Блискиот исток. САД се главниот снабдувач со оружје на оваа сунутска монархија каде што се практикува ригидниото вехабиустичко толкување на исламот, и тоа од борбените авиони „F-15“до командни и контролни системи коишто чинат и по десетици милијарди евра.

Компанијата „Lockheed Martin Co“ на Саудијците ќе им испорача пакет кој го вклучува напредниот одбранбен ракетен систем THAAD, откриваат изворите на Reuters. Овој систем веќе е ставен во функција во Јужна Кореја и чини милијарда долари.

САД и Саудиска Арабија преговараат и за испорака на системот за борбена команда и комуникација C2BMC, како и за пакет сателитски капацитети, исто така, производ на „Lockheed Martin Co“.

Во понудата е вклучен и пакет борбени бродови и пропратни услуги и резерви во износ од 11,5 милијарди долари, кој уште во 2015 година го одобри Стејт департментот.

Во пакетот оружје за Саудијците е муницијата во износ од милијарда долари, којашто вклучува противоклопни проектили „Penetrator Warheadse“ и ласерски бомби „Paveway“ на компанијата „ Raytheon Co“. Администрацијата на демократот Барак Обама ја откажа оваа продажба поради загриженоста на саудиската воена операција во Јемен, а службеник од сегашната администрација на републиканецот Доналд Трамп открил дека таа продажба сé уште е предмет на меѓуагенциски проверки во САД.

Изворите на агенцијата ова го откриле под услов да останат анонимни бидејќи немале авторизација да пренесуваат податоци за преговорите од кои некои се во тек низа години.

Секоја продажба на оружје на странска сила прво мора да ја одобри Конгресот. Претставниците таму во предвид мора да го земат и правниот услов дека Израел мора да ја одржи својата квалитативна воена предност на своите арапски исламски соседи, меѓу кои е Саудиска Арабија.

Функционер запознаен со продажбата рекол дека преговорите се интензивирани во пресрет на посетата на Трамп. Двајца американски функционери откриле дека во вторникот се сретнала саудиско-американската работна група која разговара за оваа посета, како и за финансирањето на воената опрема и за престанување на финансирањето на терористичките групации од Саудиска Арабија.

Вашингтон и Ријад се обврзаа дека ќе ги подобрат меѓусебните односи кои се влошени во текот на изминатата година од владеењето на администрацијата на претходниот американски претседател Бара Обама. Тоа беше делумно поради неговото настојување да се потпише нуклеарниот договор со шиитски Иран, кој е регионален опонент на Саудиска Арабија. Сепак, во времето на државната секретарка Хилари Клинтон беше направена најскапата зделка за продажба на оружје на Ријад, а администрацијата на Обама на Саудиска Арабија севкупно ѝ понуди оружје во износ од 115 милијарди долари.

Делумно тоа беше и поради извештајот во Конгресот и покрај ветото на Обама, на кој Ријад жестоко се противеше во кој се наведуваше дека министри од саудиската влада се некако поврзани со финансирањето на терористичкиот напад од 11 септември 2001-та, што отвори можност за приватни тужби од семејствата на трите илјади загинати во нападите. Петнаесетте од деветнаесетте извршители на џихадистичките напади во четирите грабнати авиони во „Кулите близначки“ од Светскиот трговски центар во Њујорк, во зградата на Пентагон во Вашингтон, и во урнатиот авион во сојузната држава Пенсилванија, биле државјани на Саудиска Арабија.

Официјален Ријад, од своја страна, уште ланската пролет презема чекори заканувајќи се дека ќе го продадат својот имот во САД во износ од 750 милијарди долари во кои спаѓаат и американските државни обврзници, за да не им бидат замрзнати доколку судовите донесат такви одлуки по барањата од тужбите. Исто така, се споменуваше и обемот на американскиот долг кон Саудиска Арабија, кој според американското министерство за финансии изнесува 116,8 милијарди долари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.