Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е осомничен во случајот „Адитив“ не се откажал од македонското државјанство, потврди денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
-Посоченото лице е во рамки на регистерот на државјани на Македонија, истото е македонски државјанин и не побарало отпуст согласно информациите кои ги имам во овој момент, истакна Тошковски одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот додаде дека лицето не е достапно на органите на прогон.
-Органите на прогон ќе сторат се во рамки на нивната законска наджелност да постапат, се со цел истото да биде изведено пред лицето на правдата, изјави тој.
Тошковски изрази голема благодарност до полициските службеници кои работеле на овој случај.
-Се работеше интензивно, подолг временски период. Само во текот на вчерашниот имаме над 30 претреси извршено на домови и на други простории. Два претреси се извршени во рамки на отворање на сефови кои се поврзани со дел од приведените лица. Оваа акција беше сеопфатна и досега е најголема која е спроведена во Македонија од аспект на штета на државниот буџет која е сторена при една енергетска криза кога граѓаните крпеа крај со крај, нагласи министерот за внатрешни работи.