Васко Ковачевски: Првиот блок од РЕК Битола исклучен поради помала потрошувачка

Блокот 1 од РЕК Битола е исклучен бидејќи другите капацитети ги исполнуваат потребите, изјави во синоќешната емисија „Економски Магазин“ на Алсат, директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски. Според него, во случај на зголемување на побарувачката, сите блокови ќе бидат во постојана работа.

– Синоќа го исклучивме блок 1 бидејќи имаше помала потрошувачка и со останатите производствени капацитети исполнуваме 100 отсто од потребите, рече Ковачевски.

Првиот блок на РЕК Битола беше исклучен на 26 декември, а во моментов не работи се уште ниту третиот блок од вкупно три. Ковачевски во студиото дополни дека секој блок годишно треба да биде исклучен по 60 дена заради ремонтирање и сервисирање.

Директорот на Електрани на Северна Македонија рече дека годинава ќе заврши со потрошени 200 милиони евра од буџетот за снабдување со електрична енергија.

– Оваа година ќе завршиме со приближно 200 милиони евра, целосно потрошени средства од буџетот за струја… Оваа сума е помала во споредба со земјите од регионот, во услови на криза и високи цени на берзата, наведе Ковачевски.