Ваташа доби детска градинка

Ваташа доби детска градинка, фото: МИА
Ваташа доби детска градинка, фото: МИА

Ваташа доби детска градинка. На денешното свечено отварање на објектот присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Кавадарци Александар Панов.

Во градинката која е сместена во стариот објект на Домот на културата во Ваташа, ќе бидат згрижени околу 50-ина деца од една до шест години.

Просторот во целост е преадаптиран според сите стандарди што треба да ги исполни една ваква установа. А за  таа цел, односно за преадаптација на објектот се инвестирани 3,2 милиони денари, од кои два милиони денари од буџетот на Општина Кавадарци, а 1,2 милион преку Министерството за труд и социјална политика.

Ваташа доби детска градинка
Ваташа доби детска градинка

Градоначалникот Панов истакна дека со оваа градинка делумно се решава проблемот со недостигот на места во градинките и изрази надеж дека во блиска иднина ќе се обезбедат дополнителни средства за изградба на нова детска градинка.

Со вицепремиерот Ставрески разговаравме за темата која ни е врвен приоритет. Во моментов и во следниот период, се надевам до Нова година, ќе успееме да дојдеме до дополнителни средства од 20 милиони денари за изградба на нова детска градинка за којшто веќе имаме проект и одредена локација. Со тоа конечно ќе го затвориме проблемот со недостиг на места во градинка и понатаму да размислуваме за проширување на постоечките капацитети, рече Панов, по пуштањето  на детската градника, пренесе МИА.

Објектот располага со 162 метри квадратни корисна површна и 96 метри квадратни дворно место.

Реконструкција на училишта во Кавадарци

Во рамки на денешната посета на општината Кавадарци, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов потпишаа Договор за рeконструкција на училишта.

Реконструкција на училишта во Кавадарци
Реконструкција на училишта во Кавадарци

Едно основно и две средни училишта во општината ќе бидат реконструирани преку проектот за подобрување на општински услуги што го спроведува Министерството за финансии, со средства обезбедени од Светска банка.

Трите училишта, ОУ „Тоде Хаџи Тефов“, Средното електромашинско училиште и Гимназијата ќе бидат реконструирани, а за овој проект ќе бидат одвоени 41 милион денари.