Важна победа на Челзи во борбата за Лигата на шампионите

Во дербито од 37-то претпоследно коло на англиското фудбалско првенство, Челзи во вторникот вечерта на својот „Стнфорд Бриџ“ го победи Лестер Сити со 2:1, остварувајќи важна победа во борбата за пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

Со оваа победа Челзи го прескона Лестер Сити на табелата, пробивајќи се на третото место, барем малку реванширајќи му се на истиот противник за неодамнешниот пораз во финалето на ФА Купот. Лестер, пак, во среда може да остане и без четвртото место, доколку Ливерпул победи на гостувањето кај Барнли.

Победата на Челзи можеше да биде и поизразена, зашто на Тимо Вернер дури два гола му беа поништени по интервенцијата на арбитрите и ВАР-от. Челзи поведе во 47 минута со голот на Антонио Рудигер, а на 2:0 зголеми Жоргињо од пенал во 66 минута. Лестер намали по грешката на Матео Ковачиќ во 76 минута, а стрелец беше Келечи Ихеначо. Убава шанса за израмнување имаше во последните минути Ајози Перез, но шутираше над голот.

Новиот шампион Манчестер Сити беше поразен на гостувањето кај Брајтон со 2:3, иако имаше водство од 2:0.

Сити поведи во 2 минута со голот на Илкај Гундоган, но веќе во 10 минута гостите останаа со играч помалку откако беше исклучен Жоао Кансело поради прекршокот над Дани Велбек. Сепак новите прваци го удвоија водството во 48 минута преку Фил Фоден. Меѓутоа, Брајтон успеа да направи целосен пресврт со три гола за 26 минути. Во 50 минута Леонардо Тросард намали на 1:2, Адам Вебстер израмни во 72 минута, а само четири минути подоцна за големата радост на 7.495 гледачи погоди Ден Брн.

Манчестер Јунајтед на својот „Олд Трафорд“ пред 10.000 гледачи одигра 1:1 против Фулам. „Црвените ѓаволи“ поведоа преку фантастичното лобување на Единсон Кавани од повеќе од 35 метри, а зирамни Џо Брајан во 76 минута.

Ова беше првиот натпревар со навивачи на „Театарот на сништата“ по повеќе од 400 дена, а најзагреаните приврзаници на Манчестер Јунајтед продолжија со протестите против сопствениците на клубот, американскот семејство Глејзер. Навивачите со зелени и златни шалови истакнаа пораки против сопствениците на клубот меѓу кои и „Go Glazers Out“, „50+1“ и „ „Time For A Change“.

Лид Јунајтед на гостувањето го победи Саутемптон со 2:0, со головите на Патрик Бамфорд во 73 и Тајлер Робертс во петтата минута од судиското продолжение на натпреварот.

Денеска се играат преостанатите шест натпревари од 37-то коло: Евертон – Вулверхемтон, Њукасл Јунајтед – Шефилд Јунајтед, Тотенхем – Астон Вила, Кристал Палас – Арсенал, Барнли – Ливепрул и Вест Бромвич Албион – Вест Хем.

На табелата води Манчестер Сити со недостижните 83 бодови, Манчестер Јунајтед е втор со 71 бод, следат Челзи со 67, Лестер Сити со 66, а Ливерпул е петти со 63 бодови и меч помалку.