Вчера гласаа за уставни измени, а еве што пишуваа пратениците Исмајлоска, Рамчиловиќ и Александрова пред неполн месец

Нола Исмајлоска-Старова и Зеќир Рамчиловиќ беа првите двајца пратеници кои на социјалните мрежи го искажаа својот став дека немаат намера да гласаат за уставните измени и да одат против волјата на граѓаните. Набрзо со статус на Фејсбук истиот став го искажа и пратеничката Емилија Александрова. Сите тројца вчера го погазија својот збор.

Како што се приближува 30 септември се почесто Референдумот е тема на разговор. Во кампањата ја побарав вашата поддршка и чувствувам одговорностд а го споделам својот став. Како пратеник, моја должност е да го почитувам Уставот и да бидат гласот на оние кои ме избрале. Никој не е над волјата на народот, затоа што функцијата треба и мора да биде гласот на луѓето кои живеат во Република Македонија. Верувам во вашата мудрост и немам намера да бидам против вашата одлука на 30 септември, објави Исмајлоска – Старова на Фесјбук додавајќи дека нема да гласа за уставните измени.

Втор кој се огласи на социјалните мрежи беше пратеникот Зеќир Рамчиловиќ.

Како припадници на бошњачкиот народ за нас е прифатливо решение само доколку истото е прифатено до мнозинството на македонскиот народ и од мнозинството на сите македонски граѓани.
Приоритетот го даваме на македонскиот народ, а потоа на сите македонски граѓани затоа што како Бошњаци сме дел и од нација на друга држава.
А, особено што ние Бошњаците сме доживеале и промена на име од Босна во Босна и Херцеговина, промена на име на јазик од босански во земаљски, потоа во српско-хрватски, па и забрана за изјаснување како Бошњаци се до 28 септември 1993 кога ги вративме сите елементи на нашиот идентитет, напиша Рамчиловиќ.

Овие тројца пратеници се меѓу осуммината народни избраници на ВМРО-ДПМНЕ кои вчера во закнодавниот дом го погазија својот став и гласаа „ЗА“ уставни измени.

Како народен претставник непосредно избран да ги застапува граѓаните во Собранието, имам дадено свечена изјава дека ќе го почитувам Уставот и ќе ги бранам интересите на Република Македонија.

Како пратеник, немам ниту мандат, ниту овластување, а ни лична намера, да гласам за било какви измени во Уставот со кои би се променило уставното име на мојата татковина – Република Македонија, пишуваше пратеничката Емилија Александрова.

 

По гласањето, партијата на вонреден извршен комитет донесе одлука пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои ги поддржаа уставните измени да бидат веднаш исклучени од партијата. Ваквата одлука доцна синоќа на прес-конференција ја соопшти партискиот лидер Христијан Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.