Собранието не направи правен преседан, вели поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски на неговиот Фејсбук статус.
-Со оглед на развојот на настаните поврзани со ширење на пандемијата Covid-19, јас сум за одложување на изборите и нивно презакажување за период кога ќе биде извесно дека истите нема да влијаат на загрозување на здравјето на граѓаните, објаснува поранешниот претседател на Собранието на Македонија.
-Овој статус решив да го напишам бидејќи деновиве слушам дека веќе имало правен преседан кога Собранието било распуштено па се вратило во заседание, но вистината е сосема поинаква:
1. Прво, на 87-та седница одржана на 18 јануари 2016 година се донесе одлука за распуштање на Собранието која одлука имаше одложено дејство односно со примена од 24 февруари 2016 година.
2. Второ, бидејќи тогашната опозиција не се согласуваше да има избори (иако беа во Пржино договорени) и имаше најава од опозицијата дека нема да учествува на избори, поради тоа пред да стапи примената на одлуката за распуштање на Собранието на 95-та седница одржана на 23 февруари 2016 година Собранието донесе одлука за измена на одлуката за распуштање, со тоа што примената наместо на 24 февруари да биде на 7 април 2016 година.
3. Трето, Собранието согласно изменетата одлука на 7 април 2016 година се распушти и се донесе решение за одржување на избори на 5 јуни 2016 година.
4. Четврто, откако се распушти Собранието и се донесе решение за избори, Уставниот суд со одлука У.бр.104/2016 во мај 2016 година ја поништи одлуката за распуштање на Собранието и врз основа на таа одлука на Уставниот суд, Собранието продолжи да работи се до 17 октомври 2016 година.
Според ова, СОБРАНИЕТО НЕ НАПРАВИ ПРАВЕН ПРЕСЕДАН туку Уставниот суд ја поништи одлуката за распуштање, а за мотивот и образложението на одлуката на Уставниот суд во друга прилика, пишува тој на Фејсбук.