Веќе имаме вонредна состојба, претседателе Пендаровски!?

Претседателот Пендаровски, по средба на неговиот совет за безбедност, објави дека ситуацијата со корона вирусот е под контрола и нема потреба од прогласување на вонредна состојба. Да му олесниме на претседателот Пендаровски во што се состои вонредната состојба која, како таква, ние ја имаме на терен и е дефинирана во повеќето устави на европксите држави, како и државите од поранешна Југославија. Кога ова се случува, тоа е вонредна состојба:

1. Затворени се гранични премини од други држави кон нас и наши гранични премини кон соседните држави. Во моментов може да се излезе од Македонија само на Деве Баир и Гевгелија, а прашање на ден е кога и Бугарија и Грција ќе ги затворат и тие два гранични премини. Значи, ограничено, оневозможено е слободно движење на граѓаните за влез и излез од Македонија гарантирано со Устав, освен во ВОНРЕДНА СОСТОЈБА.

2. Според одлуки на владата кои се во тек на терен констатирана е општа опасност по здравјето и безбедноста на граѓаните а полицијата добила овластувања за посебни мерки на контрола и приведување кои не се применуваат во редовни туку само во вонредни услови.

3. Со одлука на претседателот на државата, од вчера, армијата на Македонија е ставена во акција на контрола на изолорани загрозени подрачја во Дебар и центар Жупа. Армија на терен за цивилни цели е де факто вонредна состојба особено кога тоа е комбинирано и со дополнителни овластувања на полицијата.

4. Со државна наредба ограничена е слобода на граѓаните за движење и собирање на целата територија на Македонија, дефиниција на вонредна состојба.

5. Министерот за здравство најави дека за потреби на државата ќе се користат капацитети на приватни фирми без да им плати државата за тоа, во случајов на приватни болници, што е исто така постапка соодветна за вонредна состојба.

6. Со одлука на државата се оганичува слободната трговија, се забранува извоз на стоки кои државата ги проценила за примарно потребни во овие вонредни услови. Наскоро е најавено и одземање на производи, имот од приватни фирми за државни потреби како што е медицинска опрема која примарно ќе се упати за здравствените работници.

7. Наредби до фирми за ограничувања на нивната дејност без надомест од државата со штета која фирмите и вработените ја имаат од таа наредба и тоа на целата територија, де факто акт на вонредна состојба.

8. Спроведување налог за заилена контрола од обвинителите врз вестите и социјалните мрежи и посебни казнени мерки од КЗ кои се наменети кога се работи за ВОНРЕДНИ УСЛОВИ, како што се апсења, казни и затвори за лица кои не ги почитуваат мерките за ограничување на слободно движење, професионално работење и располагање со свое време и имот што им е гарантирано со Устав, освен во ВОНРЕДНА СОСТОЈБА.

9. Ограничено е правото на слободно изразување став, мислење и сознание гарантирано со чл. 16 од Уставот при што обвинител цени дали искажаното право е штетено за новонастаната кризна ситуација и државните ограничувања, што е појава типична само за ВОНРЕДНА ИЛИ ВОЕНА СОСТОЈБА.

Да земеме три примери на држави со различни економски, социјални и културни карактеристики кои веќе објавија воведување вонредна/воена состојба: Финска, Словачка и Србија. Во нивните устави, како и закони, се опишува што е и како се применува вонредна/воена состојба и содржаните се токму наведените елементи кои кај нас се веќе во функција а никој, официјално, не прогласил ни воена ни вонредна сотојба! Тогаш, со кое овластување се спроверува сето ова наведено што е веќе пракса на терен?!

Ние. фалични и со закони на сила создадени, немаме законско покритие за Воена а немаме Уставно покритие за Вонредна состојба, а ја имаме на терен. Значи, прекршен е Уставот. Еве, утре да прогласите воена или вонредна состојба, што ново на терен ќе се случува а да не е веќе применето о овде наведено? Останува уште само мобилизација и времена конфискација на имот од фирми и граѓани за потреби на ситуацијата. Се друго е веќе спроведено.

Граѓаните сериозно губат доверба во власт за време на вакви кризи која е неодлучна, која нема храброст и нема лице да излезе пред нив и го каже она што го гледаме: ние веќе имаме ВОНРЕДНА СОСТОЈБА. А зошто не се прогласува и официјално? Затоа што СДСМ, Пендаровски и Заев сакаат во ова кризно и заразно време кога има наредби секој да седи дома да организираат избори на 12 април. Ако состојбата е вонредна тогаш – нема избори. И, без кампања и движење и активности на опозцијата, да ги наполнат кутиите при мала излезност и да остане власта на Заев и СДСМ во своите фотељи. Тоа им е најважно, како што отсекогаш им било во сите ситуации, па и оваа заразнава.

Како мислите да има избори ако има наредба сите да седат дома, да нема собирања повеќе од 5-6 луѓе кога полицијата интервенира и ги растура, кога дел од државата како Дебар, Мавровскиот крај, струшкиот крај денес а којзнае каде и кое место утре… се под посебни мерки на изолација и забарана за влез и излез на таа територија. Како партија ќе влезе во Дебар да прави кампања? А ако нема кампања согласно закон и слободен избор на партијата и тоа на цела територија на државата, како може да има легални избори? Ако нема кампања според закон, која е дел од изборниот процес, не може да има ни легалност на изборниот ден.

Може ли Пендаровски и Заев со потпис, кривично и материјално, да гарантираат дека на 23 март, кога почнува кампањата и изборниот процес и на 12 април кога се гласа да гарантираат дека состојбата нема веќе да биде заразна, нема веќе да има посебни вонредни мерки, луѓето ќе се движат слободно, партиите без оганичувања ќе се собираат со граѓаните, кафаните ќе работат?!

Во време кога се наредува на лица од 55-60 години да седат дома, се очекува од нив на 12 април, кога почнува врв на заразите да излезат на избори? Или, подобро да не ни излегуваат, има СДСМ план кој ќе гласа за нив.

Ако нема уставни и законски услови за ВОЕНА или ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, ги има сите законски услови за КРИЗНА СОСТОЈБА која ја прогласува владата и проблемот се решава во целост, а најдобро е како предлог да дојде од претседателот.

Претседателе Пендаровски, имавте шанса да се покажете и ја уплескавте но, имате шанса да се поправите.