Вечерва „Бела Ноќ“, ЈСП вози бесплатно од 19 часот

По повод манифестацијата „Бела ноќ“ јавниот превоз ќе биде бесплатен на сите линии кои сообраќаат кон центарот на градот. Според ЈСП, бесплатниот превоз ќе важи од денеска од 19 часот, до 6 часот во недела на 7 октомври.

Официјалното отворање на годинашната „Бела ноќ“ е на скверот „Јадран“ во 20 часот, со настап на Градскиот дувачки оркестар. Покровител на манифестацијата „Бела ноќ“ е Град Скопје, а технички и програмски организатор е Младинскиот културен центар- Скопје.

Програмата на „Бела ноќ“ првпат ќе биде збогатена и со меѓународен фестивал на светлосна уметност „Skopje light art district“, што ќе се одржува од шести до деветти октомври. На граѓаните ќе им се овозможи уникатно доживување исполнето со светлост и многу бои. Фестивалот е резултат на меѓународната соработка на Град Скопје со градот Лион во рамки на проектот „Хоризонт 2020“.

Отворањето на „Skopje light art district“ се поклопува со отворањето на „Бела ноќ“ и ќе се случи пред зградата „Дом Ибни Пајко“, на самиот влез на Старата скопска чаршија. Мотото на фестивалот е „Следи ја патеката“. На фестивалот ќе настапат вкупно 16 артисти со исто толку различни дела. Фестивалот ќе заврши во Музејот на современа уметност во 23 часот со интерактивен аудио визуелен перформанс.