Вечерва премиерно ќе биде откриена тајната на Охридскиот бисер

После 89 години чувана тајна, семејствата Филеви и Талеви заедно со Браќата Кумеви (Кumev Brothers Production) конечо решија да ја раскажат вистината за Охридкиот бисер кој ги краси вратовите на крунисаните и некрунисаните дами во целиот свет, а премиерната промоција на филмуваната сторија во документарно-играниот филм ќе се случи денеска во 19 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Филмот е во сопствена продукција, финансиран од семејствата Филеви и Талеви и Браќата Кумеви. Го обработува периодот од 1924 до 1930 година, кога познатиот руски емигрант, белогардеецот Јован Субанович на предците на семејствата Филеви и Талеви им ја пренел тајната за правењето на Охридскиот бисер. Приказната ќе ни ја презентира историјата и мистеријата на правењето и пренесувањето на рецептата на вистинскиот Охридски бисер раскажана од страна на Јован Субанович.

Во играниот дел на филмот учествуваат врвни македонски артисти, како што се Владо Јованоски, Љупчо Тодоровски-Упа , Стрезо Стаматовски и други. Режисери на филмот се Никола и Драган Кумеви.

„Со Господ напред, денес почнуваме со реализација на документарно-играниот филм за охридскиот бисер и за тоа од каде и на кој начин оваа тајна била пренесена на охриѓани, поточно на фамилиите Филеви и Талеви. Станува збор за една идеја , која ќе се обидеме да ја реализираме преку еден современ израз, но не со цел да го демистифицираме рецептот и тајната на изработката на охридскиот бисер, ами просто да кажеме и да оставиме една слика за да знаат поколенијата како беше и што беше“, вели актерот Владо Јованоски.

biser 02

„Приказната за настанувањето на охридскиот бисер е многу интересна. Иако сите ние сме слушале разни верзии за настанувањето на Охридскиот бисер, вистинската верзија ја дознав од Михајло Филев пред две години. Од таму дојде и идејата за реализација на ваков проект. Сакав таа тајна што веќе 90 години се провлекува меѓу охриѓани да ја споделам со публиката и да режирам нешто што ќе остане на поколенијата“, рече режисерот Никола Кумев.