Вечерва дуелот Македонија-Белгија за квалификации за Евробаскет 2015

Македонската кошаркарската репрезентација вечерва со дуелот на домашен терен против Белгија го отвора новиот квалификациски циклус, за Евробаскет 2015, но и врти нова страница во својата историја. Неверојатниот успех со четвртото место во Литванија е зад нас, а поголемиот дел од репрезентативците веќе не се дел од националниот тим. Имаме нов селектор, со нови млади играчи пред кои предизвикот е голем, да се задржи континуитетот од настапи на големите натпреварувања.

Белгија е силна репрезентација, според зборовите на нашиот селектор и дел од репрезентативците дури и фаворит на вечерашниот меч, но тоа е само причина повеќе да се дојде во СЦ „Борис Трајковски“ и да им се даде поддршка на македонските кошаркари. Затоа што ова е вртење на нов лист, но овие млади момци треба да знаат дека зад себе ја имаат поддршката на сите нас како и нивните претходници.