Вечерва ќе има свечена велигденска литургија во грчките цркви

16

„Христос Воскресе“, се очекува денеска на полноќ да се слушне во грчките цркви за време на свечената велигденска литургија и светото бдение посветени на Воскресението.

Со оглед на тоа дека црквите во Грција, за Велигден останаа затворени за верниците, Светиот синод на Грчката православна црква, на 2 април 2020 година, соопшти дека доколку помине опасноста од новиот коронавирус, тогаш ноќта меѓу 26 и 27 мај ќе се одржи свечена литургија за Воскресението, јави дописничката на МИА од Атина.

Според медиумите во Грција, во циркуларното писмо од атинската Архиепископија, што било испратено до црквите и манастирите, вечерва свечената божествена литургија ќе биде иста како и во сабота на Велигден.

Во Соборниот храм во центарот на Атина, ќе чиноначалствува грчкиот архиепископ Јеронимос и ќе биде доставен и Благодетниот оган, кој од Израел пристигна во Грција на 18 април годинава.

Согласно министерска одлука, потпишана од надлежните министри од 17 мај до 5 јуни 2020 година, литургиите во црквите во Грција се отворени за верниците,но под конкретни мерки и правила: контрола при влегувањето, одржување растојание од еден и пол метар, антисептик на влезот.

Дозволениот број верници во внатрешноста е во зависност од големината на црквата, односно едно лице на десет метри квадратни.

Доколку црквата е над 500 метри квадратни, дозволени се 50 лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.