Вечерва на скопскиот аеродром ќе пристигнат првите бегалци од Авганистан

Владата соопшти дека вечерва на аеродромот во Скопје пристигнува првата група бегалци од Авганистан.

-На аеродромот во Скопје вечерва ќе пристигне првата група бегалци од Авганистан кои македонската влада одлучи да ги прими на барањето на САД. Неофицијално, се работи за група од околу 150 луѓе за кои е обезбедено сместување во хотели на периферијата на Скопје, пренесе ДојчеВеле.

Владата претходно најави дека во земјата се очекуваат вкупно 780 бегалци од земјата која влезе во нова фаза на нестабилност откако талибанците повторно ја освоија власта.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва во изјава за ТВ Канал 5 не можеше да потврди колкава ќе биде конечната бројка на бегалци кои ќе пристигнат во земјата поради проблемите со евакуацијата на аеродромот во Кабул со кој се соочуваат западните сојузници.

Тој сепак уверува дека граѓаните треба да бидат спокојни затоа што нема основа за нарушување на безбедносната состојба.

„И МВР и Агенцијата за национална  безбедност и Агенцијата за  разузнавање ги преземаат сите мерки од безбедносен аспект и граѓаните можат да бидат спокојни, бидејќи немаме никаков основ за нарушување на безбедноста во делот на оваа оперативна акција. Од друга страна и Министерството за здравство ги презема сите свои активности и надлежности кои произлегуваат од заштита на здравјето на населението посебно сега во услови на корона вирусот. Ќе се понуди соодветна здравствена нега и вакцинација за тие кои не се вакцинирани“, потенцира Спасовски.