Вечерва почнува Евровизија во Ливерпул, гостинка ќе биде Рита Ора

Под мотото „Обединети од музика“, вечерва почнува 67. издание на Евровизија, кое ќе ги спои културите на Украина и Ливерпул, родното место на „Битлси“, објавија организаторите.

Поради војната, Украина како актуелен победник не беше во можност да биде организатор, па место неа, домаќин е Велика Британија, односно Ливерпул.

Македонија не учествува. Настапот е откажан поради преголемите трошоци. Не учествуваат ни Бугарија ни Црна Гора.

Денеска е првото полуфинале, второто е за два дена. На двете полуфинални вечери ќе настапат претставници на 31 земја, додека загарантиран пласман во финалето на 13 мај имаат Украина, Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија и Италија.

Специјални гостинки вечерва ќе бидат музичката ѕвезда Рита Ора и украинската пејачка Аљоша, која настапи на Евровизија во 2010.