Вечерва премиерно претставата „За домот се работи“

Народниот театар-Битола вечер на големата сцена ќе ја изведе претставата „За домот се работи“, прва годинашна премиера работена според текст на Горјан Милошевски, во режија на Мартин Кочовски.

240Screenshot 616Во претставата ќе настапат Огнен Дранговски, Иван Јерчиќ, Катерина Аневска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Александар Стефановски, Борче Ѓаковски и Здравко Стојмиров.

„Ликовите во претставата ќе разоткријат некои непријатни, вознемирувачки голи вистини. Идејата е да се покаже дека ако од настанокот на човекот домот бил некоја територија која што ја чувале праисториските луѓе, и се до денес, кога на домот се гледа како на наш стан или куќа, а тоа се рефлектира на стремежот на луѓето и како тие се жртвуваат за домот. Во оваа претстава на домот се гледа како на еден духовен ентитет, една целина, а тоа е татковината. Нашата идеја е да го претставиме човекот кој не еволуирал на ниво на свеста, туку кај него се случила физичка еволуција“, изјави авторот Милошевски во пресрет на вечерашната премиера во Битола.

Народниот театар-Битола очекува претставата „За домот се работи“ освен во Македонија да биде играна и во државите од опкружувањето и да биде репрезент на една театарска куќа каква што е националната установа од овој град.

„Во понеделник почнуваме со проби за претставата „Денови без драма“ чиј комплетен автор, текстописец и режисер е гостинката од Амстердам, Холандија, Марија Лембеирс, а паралелно ќе се подготвува и претставата „Без паника“, истакна Благој Мицевски, уметнички директор, кој воедно се појавува како режисер на претставата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.