Вечерва завршува „Оф-фест“

Со концертите на Кармињо, најголемата нова ѕвезда на португалското фадо, и на фламенко атракцијата од Шпанија, инспиративниот женски квартет „Лас Мигас“, вечер во МОБ завршува годинашниот 13. „ОФ-Фест“.

Чист, нежен, но исклучително моќен глас кој негува стари, традиционални фадо мелодии аранжирани од бразилските великани Фернанда Марија и Винисиус де Мораес, ја прави единствена изведбата на Кармињо. Родена во Лисабон, по завршувањето на универзитетското образование и патувањето низ светот, Кармињо сфаќа дека нејзин вистински животен предизвик е страствениот португалски блуз. Освен што потекнува од музичко семејство и е ќерка на познатата фадо пејачка Тереза Сигера, врз неа големо влијание имаат и фадо легендите Лусила до Кармо, Фернандо Маурисио и Амалија Родригез, како и поп члегендите Квин и Битлси.

Барселона, Кордоба, Љеида и Севиља се градовите од кои доаѓаат четирите млади музичарки Алба, Алисија, Росер и Марта познати како „Лас Мигас“. Свират фламенко зачинето со ехо на џипси, латино и медитерански влијанија. Традиционален и истовремено модерен, звукот што го создаваат девојките е единствен и уникатан. „Лас Мигас“ зад себе имаат два албума и настапи на најзначајните светски сцени.

„ОФФест“ синоќа понуди волшебни музички патувања со јужнокореанките „Геомунго фактори“ и словенечкиот кантавтор Зоран Предин кого го придружуваше извонредниот хрватски состав „Дамир Кукурузовиќ Џанго груп“, додека претходната вечер публиката ги доживеа симболот на музичката сцена на Конго Јупитер Боконџи и неговиот бенд Окуес интернешнал.

Фестивалот почна во петокот со настап на унгарскиот виртуоз на виолина Феликс Лајко. Прикажан беше и документарниот филм „Јупитерс денс“, приказна за животот на музичарите во Конго раскажана преку патување низ гетата на Киншаса. Во неделата беа легендарниот Астатке и битолскиот состав „Фолтин“ со специјалните гости.