Веднаш да ѝ се даде кандидатски статус на Украина, бараат Франција, Германија, Италија и Романија

Лидерите на Франција, Германија, Италија и Романија се за „веднаш“ и официјално да ѝ се додели на Украина статус кандидат за членство во ЕУ. Ова денеска го изјави францускиот претседател Емануел Макрон, на заедничката прес-конференција со европските лидери и украинскиот претседател во Киев.

„Сите четворица го поддржуваме моменталниот статус на кандидат за членство“, рече Макрон.

Тој зборуваше по заедничките разговори што ги имаа германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот премиер Марио Драги, романскиот претседател Клаус Јоханис со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

Макрон, Шолц и Драги денеска пристигнаа да го посетат Киев со специјален воз, за ​​да и покажат поддршка на Украина. Клаус Јоханис, претседателот на Романија, која беше една од клучните дестинации за украинските бегалци, денеска посебно пристигна во Киев.

Италијанскиот премиер Марио Драги потврди дека Италија „сака да ја види Украина во Европската унија“.

Европската унија следната недела треба да одлучи дали на Украина ќе и даде официјален кандидатски статус.

Европските лидери денеска го посетија Ирпин во предградието на Киев, кој беше уништен во првите недели од руската инвазија на Украина. Истакнувајќи ја направената штета, германскиот канцелар ја осуди „бруталноста на руската агресивна војна, чија цел е само уништување и освојување“.