Велјановски: Во Македонија функционира организацијата ФЕТО која е под истраги во нашите НАТО партнерски држави

На денешната собраниска седница на пратенички прашања, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Велјановски го праша премиерот Зоран Заев, како може во Република Македонија да функционира организацијата ФЕТО, за која се водат постапки во пријателска Република Турција.

-Еден од најстратешките значајни партнери на Република Македонија, како на економски така и на воено-безбедносен план, покај САД и партнерите на НАТО и ЕУ е сигурно и Република Турција. Република Македонија има за обврска да исполни законски административни услови, односно да направи реформи кои произлегуваат од членството во НАТО и аспирациите за започнување на преговори за членство во ЕУ. А едно од најважните е борбата против организираниот криминал и ова претставува особено важен индикатор во државата. Јавна тајна е дека во Република Македонија под превезот на комерцијални активности функционира организацијата ФЕТО, која е под истраги и прогон во многу држави во светот, вклучувајќи ги и САД, рече Велјановски.

Прашањата кои се наметнуваат, рече тој од говорницата, а кои се тема во јавноста се дали за сопствениците, менаџерските тимови и вработените во “Јахја Кемал”, “ЗАММ Македонија“, “Чад Скопје“, “Башал скопје”, се издадени дозволи за престој и работа иако истите наводно немаат валидни патни исправи.

-Дали се контактирани властите на една пријателска и партнерска држава, дали против овие лица се водат постапки. Дали нашите надлежни служби имаат информации за евентуално вмешување во внатрешната политика на Република Македонија и какви мерки се преземаат за овие ризици. Дали овие компании се предмет на финансиски контроли и дали некој во државата го контролира овој аспект и води грижа за евентуалните финансиски манипулации, посочи Велјановски.