Велешкото ловно друштво „Руен“ скоро два месеца без концесија за ловиштата за ситен дивеч

Ловното друштво „Руен“ од Велес скоро два месеца нема концесија за да може да управува со своите поранешни шест ловишта за ситен дивеч. Концесијата заврши на 21 декември 2022 и оттогаш ловџиите од Велес и поширокиот регион на Општина Велес, Градско и Чашка чекаат да се распише од надлежното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Иако рокот е 150 дена, сепак секој ден сме во мунис, а посебно дивечот оној ситниот кој е оставен сам на себе во овие зимски денови со ниски температури и без прихранување од страна на нас, ловџиите кои со години се грижиме за негово прихранување..Засега грижата е оставена само на надлежните од ЈП „Македонски шуми“, појаснуваат од ЛД „Руен“.

Тие до декември лани имаа во ингеренција 10 ловишта од кои шест за ситен дивеч, а четирите за крупен дивеч се уште се во нивна ингеренција. Сите 10 ловишта се со вкупна површина од 101,060 хектари. Ловиштата со ситен дивеч се на површина од 52,410 хектари и се во реоните на селата Раштани, Отовица, Бистрица, Караслари, Клепа и Грнчиште.

Како што информира за МИА претседателот на Ловното друштво „Руен“ Јордан Данчо Петковски, со останување без концесија на овие шест ловишта, незаштитен е ситниот дивеч како зајак, еребица камењарка, полска еребица, потполошка, грлица, гулаб гривнеш, шумска шљука и дива патка.

Тој потенцира дека првенствена задача на ЛД„Руен“ е заштитата и грижата за дивечот во нивните ловишта.

-Ние во годишната програма имаме зацртано и набавка на одредени количества зрнеста храна за потхранување на ситниот дивеч и птици во ловиштата, а посебно во зима на минусни температури, но оставени без концесија оваа годишна програма, засега не може да се реализира, појаснува Петковски.

Од ЛД „Руен“ информираат дека имаат регистрирани околу 600 ловци нивни членови, а на теренот има и лица криволовци, кои бесправно ловат. Така изминатата 2022 година година ловочуварите на ЛД „Руен“ фатиле на дело на терен во криволовство и поднеле пријави против девет лица криволовци од нивните ловишта.

Во соработка со надлежното Министерство за земјоделство за нив биле поднесени пријави до судот, кои потоа изрекол парични казни согласно Законот за ловство, велат од ЛД „Руен“.

Тие информираат дека засега е дозволен само лов на дива свиња, но се уште немаат почнато со сезоната.

ЛД „Руен“ од Велес се уште ја има концесијата на четирите ловишта за крупен дивеч во реонот на Бежица, Нежиловски стени, Соколица и Крушје. Лов на крупен дивеч како срна, елен и кафеава мечка и останатиот кој не е штетен, е забранет. За бесправен лов на кафеава мечка која сеуште ја има во шумите во овој реон, казната е висока и изнесува 18 илјади евра, истакнуваат од ЛД„Руен“

-Забраната важи за секој вид крупен дивеч што е под заштита на законот. Целта е овој заштитен со закон крупен дивеч да се заштити и да опстои во нашите шуми, потенцираат од ЛД „Руен“ од Велес.