Велешкото село Иванковци доби повеќенамнеско игралиште

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески и градоначалникот на општина Велес, Славчо Чадиев денеска го предадоа во употреба 43-то повеќенаменско спортско игралиште, кое е дел од проектот на Владата за изградба на 100 повеќенаменски игралишта во Република Македонија.

Игралиштето се простира на површина од 1300 квадратни метри, овозможува одржување на тренинзи и натпревари во мал фудбал, кошарка, ракомет и други спортови, а поставени се и рефлектори, со што игралиштето ќе може да се користи и во вечерните часови.

-Ако до пред десетина години општа констатација беше дека македонскиот спорт и македонските спортисти немаат услови за развој и спортски тренинг, денеска работите се сериозно променети во позитивна насока, со инвестициите на Владата за изградба на спортски сали, фудбалски игралишта, тениски терени и повеќенаменски игралишта ширум земјата. Практично и да не постои населено место во Македонија, каде не е инвестирано во спортската инфраструктура, изјави директорот Спасески, кој потенцираше дека ни општината Велес не била изземена од овие проекти, каде досега Агенцијата го изградила фудбалското игралиште “Петар Поп Арсов”, повеќенаменското игралиште во Иванковци, во фаза на градба е и повеќенаменското игралиште во с. Караслари, а во завршна фаза се и двата тениски терени во градскиот парк.

Градоначалникот на Велес, Чадиев се заблагодари на Владата и Агенцијата за млади и спорт за успешната соработка во делот на спортот и спортската инфраструктура и им порача на младите од селото Иванковци да практикуваат спорт и здрав начин на живот и максимално да го искористат новото игралиште

Висината на инвестицијата за изградба на игралиштето е околу 8 милиони денари, а средствата се обезбедени од буџетот на Агенцијата за млади и спорт.

Од проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта, досега изградено е 51 игралиште, а уште 6 се во фаза на градба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.