Велешкиот театар со две награди на Македонското културно лето во Албанија

Театар „Џинот“ од Велес ги освои наградите за најдобра машка и женска улога на десеттото издание на Македонското културно лето во Мала Преспа, Албанија, на кое настапи на 28 и 29 јули со претставите „Театар љубов моја“ и „Синиот портокал“.

Имено, актерката Зорица Панчиќ е добитник на наградата за најдобра женска улога за улогата во претставата „Театар љубов моја“ од Валери Петров, во режија на Деан Дамјановски, во која настапуваат и актерките Кица Ивковска, Кети Борисовска и Талија Настова.

Додека, пак, актерот Фаик Мефаилоски е добитник на наградата за најдобра машка улога за улогата на Ерџан во претставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски, во која настапуваат и актерите Самоил Стојановски и Жарко Спасовски.

Претставите „Театар љубов моја“ и „Синиот портокал“ се најнови театарски продукции на Театар „Џинот“ Велес од Годишната програма за 2017 година поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.