Велигденска честитка од претседателот Иванов до сите христијански верници

– Во деновите кога го славиме победителот на смртта да се присетиме дека Христовото воскресение е основа на спасението. Со овој чин Спасителот ни дарува слобода во љубовта, избавувајќи нè од смртта и дарувајќи ни живот. Затоа, Пасха, како што уште се нарекува Христовото воскресение, значи премин – смилување, чудо на сите чуда, божји дар и благослов. Да се верува во Синот Божји значи да се има непоколеблива надеж и искрено покајание, пишува во честитката Иванов.

Додава дека треба да се присетиме на Евангелието кое нè учи на силата на трпението и страданието, на возвишената и постојана љубов која ја победи смртта и триумфираше над злото.

– Нема поблагословен ден од Велигден, затоа Ве повикувам, заеднички, да побараме разбирање, единство и братољубие меѓу нашиот христијански народ. Да се присетиме на Евангелието кое нè учи на силата на трпението и страданието, на возвишената и постојана љубов која ја победи смртта и триумфираше над злото, истакнува Иванов.

Во велигденската честитка претседателот Иванов на сите христијански верници им посакува меѓусебно почитување, разбирање и љубов во срцето со верба во Бога.