Велика Британија и САД почнаа преговори за трговски договор

По одложувањата поради пандемијата на коронавирусот, британските и американските преговарачи ги отворија преговорите за трговски договор за кој британската Влада се надева дека ќе донесе економски и дипломатски поттик за земјата по Брегзит.

Британската министерка за меѓународна трговија Лиз Труш и претставникот за трговија на САД, Роберт Лајтизер вчера ја почнаа двонеделната рунда преговори.

Двете страни, од кои секоја има по околу 100 службеници вклучени во преговорите, рекоа дека трансатлантски договор за слободна трговија ќе „придонесе за долгорочно здравје на нивните економии, што е од витална важност бидејќи закрепнуваат од последиците што ги предизвикува Ковид-19“.

Велика Британија ја напушти Европската унија на 31 јануари по речиси половина век членство и сега треба да гради нов трговски однос со блокот, во кој има 27 земји и со други земји во светот.

Велика Британија и САД ветија дека со „забрзано темпо“ ќе работат за да постигнат договор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.