Велика Британија нема вакцини за делење со другите земји

Велика Британија во моментов нема вишок вакцини против ковид-19 за да ги даде на други земји. Сепак, ќе разгледа како да се подели секој вишок во иднина доколку тој постои, изјави денеска портпаролот на премиерот Борис Џонсон.

– Нашиот прв приоритет е да ја заштитиме британската јавност, а воведувањето на вакцината продолжува со таа цел – изјави пред новинарите портпаролот.

Во оваа прилика, британските власти исто така соопштија дека ќе продолжат да разговараат и да работат со ЕУ со цел да се обезбедат заемно корисни односи и соработка против пандемијата на ковид-19.

– Претходно рековме дека ова е меѓународен напор и дека отвореноста и глобалната соработка ќе бидат клучни за надминување на оваа пандемија. Значи, нашата соработка и разговори со ЕУ продолжуваат – истакна портпаролот.