Велика Британија со највисока стапка на смртност од коронавирусот во Европа

Во Велика Британија од последици на заразата со новиот тип коронавирус починале повеќе од 32.000 лица, со што оваа земја ја престигна Италија на листата на најпогодените европски земји во пандемијата, а воедно и Белгија според стапката на смртноста, покажуваат податоците објавени во вторникот.

Со новите 7.000 смртни исходи од претходната седмица во Англија и Велс, вкупниот број починати во епидемијата во Велика Британија сега изнесува 32.313 лица. Според Бирото за национални статистики (ONS), од 24-ти април во Англија и Велс од Covid-19 починале 29.648 лица, а другите смртни исходи отпаѓаат на Шкотска или 2.272 до 26-ти април, и Северна Ирска или 393 смртни случаи до 24-ти април.

Тоа е повеќе отколку во Италија, којашто досега со околу 29.000 починати беше најпогодената европска земја. Покрај тоа, Обединетото Кралство се изедначува веќе со Белгија, којашто имаше највисок морталитет од 16 отсто меѓу земјите во кои заразата е со пошироки размери.

Ваквите податоци би можело да го зголемат притисокот врз британскиот премиер Борис Џонсон, кој подолго од остатокот на Европа се колебаше со воведувањето на мерките за изолација по појавувањето на првите случаи на заболувањето.

Опозициските партии ја критикуваа одлуката на Џонсон да го воведе карантинот дури и кога болниците во Италија веќе беа со исполнети капацитети. Британската опозиција, исто така, тврди дека владата била пребавна во воведувањето на масовното тестирање и во обезбедувањето доволно опрема за здравствениот систем.

Здравствените експерти проценуваат дека вистинската бројка на починатите во епидемијата на коронавирусот во Велика Британија би можело да биде и поголема. Ваквата процена се базира во прв ред на пријавувањето на смртните случаи само во болниците, како и бавното пристигнување на податоците од илјадниците домови за стари и немоќни лица.