Велика Британија: Употребата на вакцината на Астра Зенека може да биде запрена за помлади луѓе

Употребата на вакцината на Астра Зенека во Велика Британија потенцијално може да биде запрена за помлади луѓе поради стравувања дека можеби е поврзана со редок вид на згрутчување на крвта, пишува британскиот портал Метро.

Повикувајќи се на Чанел 4 Њуз (Channel 4 News) порталот информира дека Агенцијата за регулирање на лекови и здравствени производи (МХРА) разгледува предлози за ограничување на употребата на оваа вакцина кај помлади луѓе. Одлуката може да биде донесена уште денеска.

– Нашиот темелен и детален преглед е во тек за извештаи за многу ретки и специфични видови на згрутчување на крвта со ниски тромбоцити по вакцината против Ковид-19 на Астра Зенека. Сè уште не е донесена одлука за какво било регулаторно дејствие, изјави извршната директорка на МХРА Џун Рејн.

Таа истакна дека „луѓето треба да продолжат да се вакцинираат кога ќе бидат повикани“.

„Професорот Локдаун“, како што го нарекуваат Британците, Нил Фергусон, поранешен член на владината советодавна група САГЕ (Scientific Advisory Group for Emergencies – Научна советодавна група за вонредни состојби), изјави дека појавата на згрутчувања на крвта кај луѓе кои се вакцинирале, поставува нови прашања дали младите луѓе треба да се вакцинираат со овој лек.

– Што се однесува на податоците во моментот, има сè повеќе докази дека постои редок ризик поврзан особено со вакцината на Астра Зенека, но може да биде поврзан на пониско ниво со други вакцини. Изгледа дека ризикот е поврзан со возраста, а можеби, иако за тоа податоците се многу помали, да е поврзан и со полот, изјави Фергусон.

– Па така, колку сте постари, толку е помал ризикот, а исто така е поголем ризикот за Ковид, така што равенката придобивки-ризик навистина многу упатува кон вакцинирање. Мислам дека станува малку покомплицирано кога ќе дојдете до помлади возрасни групи каде равенката ризик-придобивка е посложена, рече тој.