Вељаноски денеска ќе ги распише претседателските избори

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска ќе ги распише претседателските избори и ќе го соопшти датумот на нивното одржување.

„Уставна надлежност и обврска на претседателот на Собранието е да ги распише изборите. Во конкретниот случај имаме редовни претседателски избори кои треба да се одржат во периодот од 12 март до 12 мај“, изјави Вељаноски во интервју за МИА.

Се очекува петтите претседателски избори во Македонија да се одржат во април, а кампањата ќе започне дваесет дена пред изборите. Политичките  партиите во Македонија се’  уште не ги откриваат своите кандидати.

Решението за распишување на изборите Собранието ќе го достави до Државната изборна комисија, која, според нејзиниот претседател Никола Рилкоски, е подготвена за реализација на изборниот процес, но и за одржување на предвремени парламентарни избори.

Вељаноски во интервјуто за МИА во однос на прашањето дали ќе има предвремени парламентарни избори рече дека тоа не е во негова надлежност како претседател на Собранието.

„Тоа е надлежност на Собранието, кое треба прво да се самораспушти за потоа да се одржат предвремени парламентарни избори. Во овој момент можам да кажам дека ќе бидат распишани претседателските избори,“ рече тој.

Четвртите претседателски избори во Македонија се одржаа на 22 март 2009 година, на кои победи актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов, како предлог на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Негов противкандидат во вториот круг од изборите на петти април беше кандидатот на СДСМ Љубомир Фрчкоски.