Вељаноски го пречека новиот амбасадор на Индија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Индија за Република Македонија, со седиште во Софија, Раџеш Кумар Сачдева при што му посака добредојде и успешна работа.

Амбасадорот Сачдева изрази задоволство од средбата и посетата на Република Македонија, при што истакна дека ќе се залага за понатамошно продлабочување на досегашните пријателски односи меѓу двете земји. Тој исто така го искажа своето задоволство од успешната посета на претседателот Вељаноски на Индија во 2013 година и изрази подготвеност и отвореност да се работи на продлабочување на парламентарната соработка со меѓусебно разменување на идеи и иницијативи.

Претседателот Вељаноски искажа задоволство од постигнатото ниво на пријателски односи меѓу двете држави и од досегашната успешна соработка со парламентот на Индија. На средбата претседателот Вељаноски упати покана до новоименуваниот претседател на Лок Сабха на Парламентот на Индија, официјално да ја посети Република Македонија со што би возвратиле на големото гостопримство со кое беше пречекана македонската делегација во Индија.

Двајцата соговорници оценија дека добрата парламентарна соработка помеѓу две држави дава пример за добра соработка и на други полиња, дава добра слика на граѓаните како и на бизнис заедницата. Претседателот Вељаноски го истакна значењето на економската соработка и притоа ја истакна заложбата на Владата на Република Македонија за постојано подобрување на економските услови и бизнис климата во државата. Тој исто така изрази надеж дека наскоро ќе се привлечат индиските инвеститори со што ќе се помогне во остварување на целта да се подобари животниот стандард на граѓаните и да се зголеми конкурентноста на државата.