Вељаноски на проштална средба со кинескиот амбасадор Џивеи

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, имаше проштална средба со кинескиот амбасадор во земјава, Цуј Џивеи.

Двајцата соговорници изразија задоволство од средбата и од досегашната успешна соработка меѓу двете земји.

Претседателот Вељаноски, на средбата истакна дека Република Македонија во Народна Република Кина гледа голем пријател, земја која секогаш излегува во пресрет на нашата држава и нејзините граѓани.

Амбасадорот Џивеи искажа големо задоволство што во својот мандат во Македонија успеал да реализира неколку значајни проекти. Како особено значајни беа истакнати проектите за изградба на автопатот Миладиновци – Штип и автопатот Кичево – Охрид кои се приоритетни инфраструктурни проекти за македонската Влада, а се реализираат преку соработка и поддршка на Владата на Кина. Исто така, значајна е соработката на двете земји на повеќе полиња како што се трговската размена, здравството и соработката на локално ниво.

Двајцата соговорници се согласија дека Македонија и Кина имаат одлична билатерална соработка, со желба таквата соработка да продолжи и понатаму со помош на новиот амбасадор.

На средбата се разговараше и за моменталната состојба во државата, претстојните предвремени парламентарни избори и изборот за Претседател на државата.

На крајот, претседателот Вељаноски ја потенцираше отвореноста на Собранието за соработка и отвореноста за непосредна и континуирана комуникација со Амбасадата на  Кина во Македонија.