Предвремени избори на 27-ми април

Претседателот на на Собранието, Трајко Вељановски денеска го потпиша решението за распишување на предвремени парламентарни избори откако вчера пратениците едногласно изгласаа распуштање на парламентот.

Предвремените избори ќе се одржат на 27-ми април заедно со вториот круг од претседателските избори доколу шеф на државата не се избере уште во првиот круг.

„Како и минатиот пат и денес сакам да потенцирам дека пред нас е изборен процес во кој изборните правила се прифатени со согласност и на власта и на опозицијата што претставува дополнителна одговорност и за едните и за другите и обврска истите да бидат почитувани и практикувани во текот на целиот процес. Уште еднаш сакам да ги повикам сите учесници во процесот за избор на претседател на Република Македонија и за изборот на пратеници, да постапуваат исклучиво во согласност со уставните и законските одредби, да придонесат кон создавање мирна и демократска атмосфера во која секој граѓанин ќе може достоинствено да го оствари своето право на глас по свое лично убедување“, рече Вељановски по потпишувањето на решението.

Решението ќе биде доставено и до Државната изборната комисија која што треба да го утврди роковникот за предизборната кампања и самите избори. ДИК треба да разјасни, поради поклопувањето на двата изборни процеси, како ќе се одвива предизборната кампања за парламентарните во текот на изборниот молк пред првиот круг од претседателските избори.

Вчера, сите 117 пратеници присутни во салата гласаа за распуштање на парламентот откако ДУИ поднесе таква предлог одлука поради несогласување со нивната идеја за консензуален претседател.