Велко Маркоски со звук на сирената го реши Тиквеш во „Автокоманда“!

Екипата на Металург забележа голема победа на домашната сцена и во драматичен натпревар го победи Тиквеш (28-27) во дуел кој го реши гол кој падна во последната секунда, па дојде до седмата победа по 14 одиграни кола во Суперлигата.

Целосниот натпревар на Металург и Тиквеш 2014:

Гостинот од Кавадарци подобро го отвори натпреварот во „Авткоманда“. Тиквеш водеше со два гола разлика во неколку наврати, предводен од бековите Дрогришки и Симиќ имаше 3-5, 5-7, потоа и 6-8, но по еден тајм-аут Металург ја искористи максимално главната ѕвезда Златко Хорват во тимот и тој заедно со Рибеиро донесоа пресврт на настаните, за „плус четири“ за домаќинот на паузата (15-11). Проблем за Тиквеш на овој натпревар беа и исклучувањата во првото полувреме, ги доби три во пет минути.

Натпреварот продолжи во ист ритам и во вториот дел, Металург водеше константно иако само двајца ракометари беа голгетерски расположени, а Тиквеш фати приклчок кога се доближи на еден гол негатива (21-20). Оттогаш па до крајот дуелот беше игра на нерви. Во последните десет минути улогата на гол-играч кај Металург ја презеде Александар Петковски, на три минути пред финишот резултатот гласеше 25-25, па Милан Лазаревски донесе 26-25 за домашните. На влезот во последните 100 секунди Тиквеш изедначи од пенал преку Симиќ, на спротивната страна во иста мера возврати Хорват (27-26), па Темелковски на спротивната страна погоди од тешка крилна позиција за реми на 20 секунди пред финишот. Последниот збор го имаше домаќинот, на големо изненадување со звукот на сирената гол даде специјалистот за одбрана Велко Маркоски, инаку прв за него на натпреварот.

Златко Хорват беше најефикасен кај Металург со 11 постигнати гола, пред Улисес Рибеиро и Александар Петковски со по шест реализации, додека кај гостинот од Кавадарци, Стефан Дрогришки и Евгениј Темелковски, Страхиња Симиќ стрелаа по пет пати.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.