„Вело Родео“ по повод Европската недела на мобилност

По повод Европска недела на мобилност, која годинава трае од 16 до 22 септември, здружението на граѓани Еко Логик во рамки на програмата „Вело училишта‘‘ ќе го организра настанот „Вело Родео“во четири градови низ државата.

Целта на Европската недела на мобилност уште од 2002 година е да се сврти вниманието на јавноста на обидот на подобрување на јавното здравје и квалитетот на животот преку промовирање на одржлив урбан транспорт. Кампањата нуди можност на сите засегнати страни да се вклучат со практични решенија за справување со урбаните предизвици.

Темата за оваа година е „Мобилност со 0 емисии за сите“. На овој начин сите засегнати страни се охрабруваат да ја користат неделата за да тестираат нови мерки за транспорт и да добијат повратни информации од јавноста. Ова, исто така, е одлична можност да се разговара за различните аспекти на подвижноста и квалитетот на воздухот, да се најдат иновативни решенија за намалување на употребата на автомобили и емисиите на транспорт, како и да се тестираат новите технологии и мерките за планирање.

Во текот на Европска недела на мобилност Еко Логик утре ќе го организра „Вело Родео“ во Пробиштип на плоштадот „Гаврил Лесновски“ од 17 до 20, в петок во Демир Капија во Градскиот парк во близина на игралиштето од 16:00 до 19 часот, в недела во Скопје во Градскиот парк кај Школка од 11 до 14:00 и во вторник во Пехчево во Едукативниот центар за зачувавање на природата – Негрево од 13 до 16 часот.

„Вело Родео“ настанот е од отворен карактер и право на учество имаат сите ученици од основните училишта од четврто до девето одделение кои имаат желба да возат велосипед, како и активно и едукативно да се забавуваат преку нашите едукативни игри кои ги имаме подготвено како: Еко Не лути се човече (во реална големина), Вело Меморија (мега верзија, карти и онлјан апликација), Еко квиз, Вело Маало,Твистер и многу други. „Вело Родео“ настанот се базира на тоа преку игра, забава и едукација, учениците да ја пренесат пораката за придобивките од возење велосипед како баланс, безбедност, сигнализација, контрола, тргнување, забрзување и запирање.

Оваа година Вело Родео настанот е поделен во два дела – едукативен, каде учениците ќе можат да учат за баланс, моторика, како и за сообраќајните знаци и основните правила во сообраќајот за безбедно учество во него (дополнително во овој дел ќе има одвоено и простор за бавна трка, преку која учениците ја совладуваат и вежбаат својата координација, рамнотежа, тргнување и запирање) и забавен, каде учениците ќе имаат можност да ги покажат, вежбаат и унапредат сопствените велосипедски вештини преку полигонско возење со препреки, возење во круг, возење по даски и препреки, и многу нови вежби кои за прв пат ќе бидат промовирани оваа година.

Исто така, учесниците ќе имаат можност да бидат дел од креативна работилница со различен тип за секој град каде што ќе биде одржана Европската недела на мобилност.

Од денеска ќе биде споделен и предизвик преку онлајн апликацијата Страва за најмногу поминати километри со велосипед. На предизвикот право на учество ќе имаат сите заинтересирани ученици од шесто до деветто одделение.

Истовремено, во текот на неделата ќе биде отворен конкурс за литературно и ликовно творење на теми поврзани со климатските промени и размислувањата на најмладите за создавање на вело градови, вело маала. Во текот на целата недела на одбележување, во сите градови кои ќе ги посетиме, ќе биде поставена и изложба на пристигнатите (физички цртежи) кои беа дел од минатогодишниот објавен ликовен по повод неделата на мобилност 2019.

Настаните ќе се одвива според официјалниот протокол за организирање на јавни настани, запазувајќи ги сите здравствени мерки.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.