Со велосипеди низ Скопје за Денот без автомобили

На дефилето, меѓу другите, учествуваа вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми, министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, евроамбасадорот Самуел Жбогар и претставници на Град Скопје.

Евроамбасадорот Жбогар порача граѓаните да го користат велосипедот почесто бидејќи, како што рече, е добро за здравјето и заштедува средства.

– Возењето велосипед е добро за здравјето и затоа не треба да применува само еднаш во годината, туку секојдневно. На тој начин ќе се подобри здравјето и ќе се заштедат средства, порача Жбогар.

Вицепремиерот Адеми истакна дека денешниот настан е значаен, бидејќи Македонија придонесува за да се подигне јавната свест за заштита на животната средина и намалување на загаденоста.

– Големиот број на луѓе што се приклучија денеска е доказ дека ние ги препознаваме и споделуваме заеднички европските вредности, а тоа е една причина повеќе да бидеме дел од европското семејство, потенцира Адеми.

Според министерот за животна средина и просторно планирање Амети, ова дефелиле е организирано со цел да се влијае врз свеста на  граѓаните за зачувување на здравјето и животната средина и амбиенталниот воздух. Тој ги повика граѓаните почесто да практикуваат ваков начин за транспорт.

На завршната точка од дефилето кај „Школка“ се одржа музички хепенинг, а за учесниците беа доделени и 20 велосипеди подарок од МЗЖВПП, Град Скопје и Цементара-Скопје.

Европската недела на мобилност се одржува секоја година од 16 до 22 септември. Првпат беше иницирана во Франција  во 1998 година, а во Македонија официјалното одбележување започна во 2001 година.