Венеција за шест месеци ја одложи наплатата на билети за влез

Властите на Венеција ја одложија одлуката за наплата на билетите, која требаше да почне веќе овој месец, за шест месеци, „бидејќи навреме не биле обезбедени премините, што ќе го ограничи бројот на туристи кои можат да влезат во градот на дневно ниво”.

Овој туристички бисер е еден од најпосетуваните градови во светот со седум милиони туристи годишно, но неговите жители страдаат поради него.

– Ова е првиот град во светот, единствениот град кој со наплата на влезници ќе се обиде да даде конкретен одговор на преголемиот број туристи во одредени периоди од годината – велат од Туристичката организација на Венеција.

Цената на билетот ќе зависи од очекуваниот број на влезови, како и од денот во неделата, а ќе се движи од три до максимум десет евра со задолжителна резервација. Ова се однесува на влегување во самиот центар на градот, кој беше буквално опкружен со туристи.

– Ни претстои голема работа да ги вратиме стаоседелците на плоштадот Свети Марко, бидејќи тие веќе не одат таму поради огромниот број туристи, а граѓаните мора да бидат присутни во својот град, да живеат во него – велат жители на Венеција.

Надлежните ветуваат дека постепено ќе ги решаваат сите технички проблеми поврзани со плаќањето билети и пунктовите на кои ќе се идентификуваат посетителите.