Венецуела: Добар одѕзив по враќањето на опозицијата и меѓународните набљудувачи на изборите

Одѕивот на регионалните избори коишто во неделата се одржуваат во Венецуела може да биде „многу добар“, откако во изборниот процес по петнаесеттина години се вратија меѓународните набљудувачи а опозицијата ја прекина својата стратегија на бојкотирање на изборите.

„Ќе имаме многу добар одѕив“, изјави на прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија (CNE) Педро Калзадила, несоопштувајќи ја бројката додека во неделата доцна попладнето по локално време луѓето чекаа во редови пред избирачките места, пренесуваат агенциите.

Калзадила додаде дека „сѐ оди според планот“, и покрај „помалите инциденти“, кои главно се состоеле во доцнење при отворањето на избирачките места.

Целиот изборен процес во Венецула во неделата протекува „мирно“, потврдила претседателката на европската набљудувачка делегација, португалската европратеничка Изабел Сантош којашто во вторникот ќе го предаде прелиминаниот извештај.

Околу 21 од 30-те милиони Венецуелци можеа да го дадат својот глас на изборите за 23 гувернери, градоначалници и советници во 335 општини во земјата чијашто инфраструктура е девастирана од големата економска криза и хиперинфлацијата. Во изборната трка за сите позиции вкупно конкурираат повеќе од 70.000 кандидати.

Избирачките места беа затворени во 20 часот по средноевропско време, но некои останаа отворени и натаму. Првичните резултати се очекуваат во 2 или 3 часот наутро, односно во понеделникот во 8 или 9 часот по средноевропски време, изјавиле од CNE.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро сака со спроведување на демократските избори да издејствува укинување на економските санкци коишто ја притискаат земјата водени од западните држави под притисок на САД кои сакаат воспоставување власт на венецуелската опозиција која ја поддржуваат на сите начини, од медиумски и разузнавачки до финансирања и обид за изведување воени преврат.

Традиционално поделената опозиција на крајот одлучи сепак да учествува на изборите, надевајќи се дека така ќе обезбедат база за покренување на кампањата за претседателските избори во 2024 година.

Не се доведува во прашање исходот од изборите во неделата, а кои се одржуваат во еден круг. Имено, се очекува надмоќна победа на владејачката социјалистичка партија во трката со разединетата опозиција, оценува за AFP политикологот Пабло Квинтеро.

Политичките коментатори сметаат дека опозицијата би можела да победи во најмногу шест сојузни држави, и тоа во западните Тачири, Зулија и Лара, како и во источните Сукре Анзоатегуија, во Нуева и островската Еспарта.

Опозицијата ги бојкотираше претседателските избори во 2018 и на паралментарните во 2020 година, а годинава се врати во изборниот процес но не успеа да се обедини.

Хуан Гваидо, потпретседател на парламентот а пред две години се самопрогласи за привремен претседател признат од САД и педесеттина нивни сојузници но не успеа да се одржи на таа позиција особено откако беше обелоденето во американските медиуми дека таквиот чекор го преземал по директни инструкции и сигнали од Вашингтон, оцени дека треба да се „обедини борбата“. Рече и дека нема да гласа. „Гласал или не (…), нема дилеми, Мадуро е и ќе биде и во иднина незаконски претседател“, рече Гваидо.