Венецуела: Судот наред апсење на паралелниот парламент на дел од опозицијата

Венецуелскиот суд нареди апсење на членовите на новите челници на самопрогласениот паралелен парламент на дел од опозицијата, меѓу кои и неговата претседателка Динора Фигуера која живее во Шпанија.

Кривичниот суд во Каракас издаде налог за апсење на Донора Фугуера која го замени отстранетиот од челната позиција и од опозицијата Хуан Гваидо во Националното собрание, кој пред четири години се самопрогласи за привремен претседател на Венецуела по иницијатива на САД и беше признат од десетината западни земји американски сојузници, но таа иницијатива не заживеа и во самата латиноамериканска земја и меѓународно.

Членовите на овој паралелен парламент, кој се самопрогласи во 2015 година не ги признаваат парламентарните избори одржани во 2020 година на кои победија левичарите на претседателот Николас Мадуро.

Судот сега нареди апсење и на првата и на втората потпретседателка на тој самопрогласен парламент, Маријанела Фернандез и Ауристела Вескез, коишто пак живеат во САД.

Трите опозиционерки, чиешто лидерство го проблематизира и некои делови од самата венецуелска опозиција бидејќи со години не се активни во домашната политика, се обвинети за „узурпирање на положбата, предавство, злосторничко здружување и перење пари, поради нивното учество во неправилности во врска со фиктивни именувања на водството на Националното собрание“, објавија судските власти.

Ова непризнаено Паралелно собрание одговори преку социјалните мрежи со повик до „националната демократска заедница и демократските власти во светот да го кренат гласот и да спротистават на овој груб напад на режимот на Николас Мадуро“.

На 30-ти декември, трите главни опозициски партии го одобрија распуштањето на „привремената влада“ на Хуан Гваидо, чиешто формирање го поддржаа и на 5-ти јануари избраа ново водство на самопрогласениот парламент.

Крајот на „привремената влада“ на Гваидо се одвива во услови на крајна поделеност во венецуелската опозиција додека во 2024 година треба да се одржат претседателските избори. Годинава ќе се одржат предизбори на коишто ќе се направи обид за именување заеднички кандидат. Хуан Гваидо, кој е повторно американски фаворит, би можел да биде кандидат, сметаат западните аналитичари.